Екипата од популарниот детски серијал „Дајте музика“ и брендот „Бекутан“ испратија оптимистични пораки за 2021 година преку специјален видеоспот во режија на Зоран Зонде Стојановски.

„По дождот секогаш следува сонце! Нека сонцето во 2021 силно сјае за сите“, порачаа тие, додавајќи дека љубовта е најголемиот подарок.

Продуцентката на серијалот Цаци Паковска истакна дека предизвикот за екипата беше огромен.

„Дечињата се актери, а требаше да отпеат песна од Каролина Гочева. Тие беа премногу возбудени и исплашени како ќе го изведат тоа и како ќе звучат, па на подготовките, кои траеја околу месец и половина, имаа и часови по пеење. Мислам дека крајниот производ е одличен“, рече Паковска.

Музиката и аранжманот се на Никола Мицевски, а автор на текстот е Весна Малинова. Песната е дел од албумот „Извор“ на Каролина Гочева-Корубин, чиј издавач е „Авалон продукција“.

„Повеќе од 40 години постоиме за најмалите. Многу генерации сe врзуваат со приказната за ‘Бекутан’. Овие празнични денови љубовта има посебна димензија, а близината со нашите најсакани е важна повеќе од кога било. Да не заборавиме да подаруваме добрина и да учиме од детската искреност“, изјави Маја Мизо, менаџер за брендот „Бекутан“.