КАПСУЛИ НАПРАВЕНИ ОД МОРСКА ТРЕВА ГИ ЗАМЕНИЈА ПЛАСТИЧНИТЕ ШИШИЊА НА ЛОНДОНСКИОТ МАРАТОН

Лондон, (Дезин)

Повеќе од 30.000 капсули со течност што можат да се јадат им беа поделени на учесниците на вчерашниот Лондонски маратон, како замена за вообичаените пластични шишиња.

Станува збор за разградливи капсули што можат да содржат вода или некоја друга течност за пиење, направени од супстанца на база на морска трева. Таа или може да се изеде цела или само да се истисне течноста, при што пакувањето природно ќе се разгради во рок од четири до шест недели, колку што е потребно и на овошје.

Капсулите „Ooho“ се дизајнирани од лондонската старт ап компанија „Скипинг рокс леб“. На маратонот, тие беа наполнети со енергетскиот пијалок „лакозејд спорт“ со вкус на портокал.

Организаторите се решија на ваков потег откако за време на ланскиот маратон, на улиците на Лондон биле фрлени околу 760.000 пластични шишиња. Целта за оваа година беше бројката да се спушти до 215.000, кои потоа беа собрани за рециклирање.

Капсулите се направени од оригинален материјал наречен „нотпла“, добиен од кафеавата морска трева, па тие се разградуваат многу побрзо од ПЛА, најчесто користената биопластика.