Ледено кралство повторно е изградено во Кина, откако завчера се отвори традиционалниот Меѓународен фестивал на скулптури од снег и мраз во Харбин, еден од најголемите на светот.

Посетителите, а се очекуваат над еден милион, ќе можат да ги истражуваат скулптурите на храмови, кули и историски градби на температури под нула Целзиусови степени. Фестивалот, кој се одржува веќе 36. пат, се простира на површина од 600 квадратни метри.

На нивна изработка 15 дена работеле 10.000 луѓе, откако претходно, еден месец се сечеле 170.000 кубни метри мраз од реката Сонгхуа, што е доволно да се наполнат 70 олимписки базени.

(Фото: Ројтерс)

Харбин, кој има пет милиони жители, е еден од најстудените градови на светот, но посетителите оваа година можат да очекуваат нешто попријатно време. Сепак, лани тоа беше причина фестивалот да се затвори во февруари десет дена порано од предвиденото.