„ЛЕГО“ СОЗДАДЕ ПОСЕБНИ БРАЈОВИ КОЦКИ ЗА ДЕЦА СО ОШТЕТЕН ВИД

Копенхаген, (Дезин)

Компанијата „Лего“ создаде посебна верзија коцки на кои се отпечатени буквите и бројките од Брајово писмо, преку кои слепи деца и оние со оштетен вид ќе можат да учат да читаат низ игра. На коцките исто така се отпечатени стандардните букви, бројки и симболи, за да можат децата да се играат заедно со пријатели, семејството или со наставници.

Комплетот содржи 250 коцки со кои се покриваат целата азбука, броевите од нула до девет и селекција на математички симболи. Од компанијата се надеваат дека интерактивниот дизајн на коцките ќе им помогне на децата со оштетен вид да развиваат нови вештини.

„Овие деца ги имаат истите сништа и желби како и децата со нормален вид. И тие сакаат да го истражуваат светот и да се социјализираат низ игра, но често не им се овозможува тоа. Овој проект со себе носи забавен и инклузивен пристап кон учење на Брајово писмо“, вели извршниот директор на фондацијата „Лего“, Џон Гудвин.

Според Светската здравствена организација, во светот има 19 милиони деца со оштетен вид.

Овој производ ќе биде достапен на седум јазици и официјално ќе се најде во продажба во 2020.