Прототип на летечки автомобил успешно комплетираше 35-минутен пробен лет од Нитра до Братислава во Словачка. Хибридот помеѓу автомобил и летало „еркар“ е опремен со мотор на БМВ, а како погонско гориво користи стандарден бензин.
Неговиот креатор Стефан Клајн вели дека „еркар“ може да лета 1.000 километри на височина од 2.500 метри и дека досега поминал 40 часа во воздух.
На „еркар“ му требаат две минути и 15 секунди да се трансформира од автомобил во летало. Во воздух, постигнал брзина од 170 километри на час.
„Еркар“ може да прими двајца патници, но за разлика од останатите слични прототипови, не може да полета и слета вертикално, туку му треба писта. Компанијата „Клајн вижн“ вели дека биле потребни две години и помалку од два милиона евра за развој на „еркар“.