НАЈВИСОКАТА СКУЛПТУРА ВО ЕВРОПА ЌЕ БИДЕ ПОСТАВЕНА НА АВТОПАТ ВО БЕЛГИЈА

Брисел, (Гардијан)

Автопат во Белгија е избран за локација кадешто ќе биде поставена највисоката скулптура во Европа.

Наречена „Arc Majeur“, 250 тони тешкиот челичен лак ќе се наоѓа до фреквентниот пат што ги поврзува Намур и Луксембург и со своите 60 метри, таа ќе биде речиси двојно повисока од статуата на Исус во Рио де Жанеиро.

Скулптурата официјално нема да биде отворена до октомври, но нејзините главни делови ќе бидат поставени на 10/11 август.

Вредна 2,5 милиони евра, скулптурата е дело на францускиот уметник Бернар Ване и претходно имаше два неуспешни обида да биде поставена во Франција, првиот уште во 1984 година во близина на Оксер.

„На светот има и повисоки споменици, но не постои поголема скулптура направена од уметник“, изјави портпарол на 78-годишниот Ване.