РУСИЈА И КИНА ЌЕ СЕ ПОВРЗАТ СО ПРВА МЕЃУНАРОДНА ЖИЧНИЦА НА СВЕТОТ

Амстердам, (Дезин)

Русија и Кина ќе се поврзат на својата источна граница преку жичница, што ќе биде прв таков граничен премин на светот. Таа ќе ги спои градовите Благовешченск на руската и Хеихе на кинеската страна, а жичницата ќе поминува над реката Амур, која во тој дел ги разделува двете држави.

„Поминувајќи над реката Амур како природна граница, жичницата Благовешченск-Хеихе ќе биде прв ваков систем кој ќе поврзува две држави и култури“, изјави Бен фан Беркел, основач на студиото „УНСтудио“, кое ја дизајнираше станицата на руската страна.

Меѓународниот систем ќе се состои од две линии со четири кабини, кои вкупно ќе можат да примат 60 патници. Патувањето ќе трае до седум и пол минути.

Ова студио исто така го дизајнира системот жичници во Гетеборг и Амстердам.

„Ова е нов облик на јавен превоз, кој е одржлив, многу брз, сигурен и ефективен, но и можност еден град да се искуси на сосема поинаков начин“, додаде Фан Беркел.