НОВАТА „СЕРИЈА 3“ НА БМВ ЌЕ СЕ ОТКЛУЧУВА И СТАРТУВА ПРЕКУ СМАРТФОН

Париз, (АП)

БМВ објави дека возачите на новата „серија 3“ ќе можат да го отклучуваат и стартуваат автомобилот преку својот смартфон.

Најновата верзија на „тројката“, најпопуларниот модел на компанијата, кој досега се продаде во повеќе од 50 милиони примероци, беше претставена денеска на Автосаемот во Париз.

Тој е полесен за 55 килограми и има повеќе аеродинамика од својот претходник, а во изменетата внатрешност, најзначајната новина е дигиталната тастатура, со која возачот управува преку својот смартфон.

Новиот модел ќе почне да се продава од март наредната година и ќе дојде со широка понуда на бензински и дизелски мотори, од 190 до 256 коњски сили.

Притоа ќе може да се купи и Интелигентниот личен асистент (ИПА) на БМВ, дигитален лик кој одговара на едноставното „Еј, БМВ“. Тоа го означува стартот на новата ера на компанијата, во која возачите ќе можат да управуваат со возилото и да им пристапуваат на функциите и информациите преку гласовни контроли.

ИПА ги учи рутините и навиките, како и претпочитувањата на возачот, како местата на коишто вообичаено вози и ќе одговара на команди како „носи ме дома“.