По серија шпионски фотографии и видеа, „Сеат“ објави дека новата верзија на „леон“ официјално ќе биде претставена на 28 јануари следната година.
Краткото видео што го објави шпанската компанија дава увид во внатрешноста на автомобилот, при што главните елементи се преземени од „голф“, вклучувајќи ја и целосно дигиталната инструментална табла. За други детали ќе мора да се почека.
„Сеат“ откри дека нова светлосна технологија ќе го направи моделот „подинамичен, поспортски и поелегантен“. Во триото со „голф 8“ и новата „шкода октавија“, тој треба да биде најспортски модел.
„Напредната светлосна технологија е клучна во истакнувањето на дизајнот на возилото. Таа дополнително ќе го нагласи неговиот и онака силен карактер. Во внатрешноста, ќе го издигне ‘леон‘ на повисоко ниво на функционалност и естетика“, кажа директорот на дизајн на „Сеат“, Алехандро Месонеро-Романос.