ОЛИМПИСКИТЕ МЕДАЛИ ВО ТОКИО ЌЕ БИДАТ НАПРАВЕНИ ОД РЕЦИКЛИРАНИ СМАРТФОНИ И ЛАПТОПИ

Токио, (Би-Би-Си)

Сите медали за Олимписките и за Параолимписки игри во Токио во 2020 година ќе бидат направени од рециклиран електричен отпад, соопштија организаторите.

Овој проект стартуваше уште во 2017 година, со цел да се собере доволно количество електричен отпад, вклучувајќи и стари смартфони и лаптопи. За да се направат медалите, ќе бидат потребни 30,3 килограми злато, 4,1 тон сребро и 2,7 тони бронза и организаторите очекуваат ова да се постигне наредниот месец.

Дизајнот на медалите ќе биде објавен во текот на оваа година.

Потребниот материјал пристигнува како од поединци, така и од бизниси и до ноември минатата година биле собрани 47.488 тони користени уреди, плус пет милиони мобилни телефони.

За претходните Летни олимписки игри во Рио, само 30% од сребрените и бронзените медали биле направени од рециклирани материјали.