Италијанската компанија „Пагани“ на оригинален начин го претстави својот нов суперавтомобил, откако 3,5 милиони долари вредниот „хуајра роудстер БЦ“ имаше светско деби во видеоигра.
„Пагани“ се здружи со производителот на игри за мобилни телефони „Зинга“, па секој доби можност да го повози овој суперавтомобил во видеоиграта „ЦСР2“. Во реалноста, тоа ќе биде привилегија на малкумина, имајќи предвид дека „хуајра“ ќе се произведе во само 40 примероци.
„Хуајра“ ќе има и своја физичка промоција, што ќе се случи на претстојното автошоу во Монтереј.
„Кога Хорасио Пагани почна да дизајнира автомобили пред 44 години, тој не можел ни да замисли дека негово возило ќе биде претставено во светот на видеоигри“, изјави директорот на „Пагани аутомобили Америка“, Мајкл Стаскин.
„Хуајра роудстер БЦ“ има шестлитарски двоен турбо В12 мотор, направен од „Мерцедес АМГ“, што произведува 800 коњски сили. До 100 км/час забрзува за 2,5 секунди.