Изложбата посветена на „Игра на тронови“ дојде во Париз и треба да биде мала утеха за фановите кои нестрпливо ја чекаат осмата и последна сезона, која не доаѓа пред април наредната година.
Отворена до 2 септември, „Игра на тронови: патувачка изложба“, која е поддржана од Ејч-Би-О, се простира на 2.000 квадратни метри во Изложбениот парк во Версај.

Таа вклучува костими, сценографии, статуи, видеа, звуци, па дури и мириси, за да се долови атмосферата од седумте кралства низ коишто се минува, почнувајќи од снежна шума опкружена со облак од магла.
Потпомогната од софистицирани светлосни ефекти и мултимедијални и интерактивни содржини, гостите патуваат до митските земји Вестерос и Есос низ десет сцени, добро познати од серијата.

На изложбата можат да се видат и специфични предмети, како мечеви, јајца од змеј, огромна глава од змеј, ѕидот на лица, венчалниот фустан на Марџери Тајрел и круната на Џофри Баратеон.
„Во почетокот направив многу истражувања и се заинтересирав за различни цивилизации. Најтешкото кај измислените светови е што мора сѐ да замислите на реалистичен начин, затоа што костимите треба да имаат смисла“, вели костимографката на серијата, Мишел Клептон.