ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ ПО ПОРАЗОТ ОД МАКЕДОНИЈА, ГРУЗИЈА СЕ ПЛАСИРАШЕ НА СВОЕТО ПРВО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Тбилиси, (Ројтерс)

Познати се сите учесници на Европското првенство во Германија и меѓу нив е и еден дебитант на големите фудбалски натпреварувања.

Грузија ќе игра на своето прво европско првенство откако на пенали ја совлада Грција со 4:2, што доаѓа три и пол години по поразот од Македонија во финалето на плеј-офот за претходното ЕП. По завршувањето на мечот, грузиските навивачи се стрчаа на теренот за да прослават со своите фудбалери.

Грузија се пласираше на едно првенство од 15. обид и 34 години откако го одигра првиот меч како самостоен национален тим, во времето кога и натаму беше дел од Советски Сојуз. На ЕП ќе игра во група со Турција, Португалија и Чешка.

„Некои не веруваа во нас, но отсега ќе веруваат. Многу сме среќни. Никогаш досега не сум искусил вакви емоции“, изјави првата ѕвезда на грузискиот фудбал Хвича Кварацхелија.

(Фото: АП)