Во шведскиот град Лунд се појави нова музичка продавница која не се забележува така лесно, бидејќи е наменета за глувци.
Новата инсталација е дело на „АнониМаус“, уметнички колектив кој потекнува од Малме. Неговите членови почнале да прават минијатурни инсталации во 2016 година инспирирани од приказните на детските автори Астрид Лундгрен и Беатрикс Потер и од филмовите на Волт Дизни. Тие досега направиле повеќе од 25 дела во четири шведски града, јужна Франција и на британскиот остров Ајл оф Мен.
„Ние веруваме дека децата во еден период од животот сакаат да си замислуваат дека постои свет паралелен со нашиот во кој малите животни живеат слично на нас и ги рециклираат работите што сме ги изгубиле. Затоа во нашите дела вклучуваме што е можно повеќе човечки предмети, па тапа од шампањ станува столица, кутија за кибрит станува маса, а поштенска марка станува уметничка слика. Кога почнувавме, ни требаа три месеци за да направиме една сцена, а сега сме многу побрзи“, велат од „АнониМаус“.
Тие ги инсталираат своите дела ноќе и никогаш не откриваат каде точно се наоѓаат.