Светлосни инсталации и перформанси, чил зона, диџеи и многу интеракција се најавуваат на петтиот скопски Фестивал на светлината (Skopje Light Festival), што ќе се одржува на 2 и 3 септември на различни локации низ централното градско подрачје.
„Темата на фестивалот е рефлексија која нè поттикнува да ја истражиме светлината, да ја почувствуваме и да уживаме во нејзиниот пат“, велат организаторите.
Учество ќе земат авторите Рубин Трајковски, Анета Стојчевска, Зоран Тошевски, Бобан Манов, Мартин Димитријев, Т33 креатив енд ко, Ана Трајковска, Кристина Пауновска-Гиразова, Елизабета Тошевска, Перо Кованцалиев, како и учениците од ДСУЛУД „Лазар Личеноски”.
„Со цел да одговориме на предизвиците на енергетската криза, а да не го доведеме во прашање одржувањето на фестивалот, тој ќе трае само два дена. Сите инсталации и перформанси се со ЛЕД осветлување и со минимална потрошувачка“, додаваат организаторите.
Настанот е во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје.