СЛОВЕНЕЧКАТА КОМПАНИЈА „ТУШЕК“ ГО ПРЕТСТАВИ СВОЈОТ НОВ СУПЕРАВТОМОБИЛ

Љубљана, (Мотор1)

„Тушек“, малиот словенечки производител на суперавтомобили, се појави во 2012 година со купето „реноватио Т500“ со 450 коњски сили. Седум години подоцна, тој се враќа со двојно помоќен производ, „ТС 900 Х апекс“, кој ќе има светска премиера во Велика Британија следниот месец.

Како што му кажува и името, новиот „тушек“ развива повеќе од 900 коњски сили, поточно 950, благодарение на 4,2-литарски В8 и два електрични мотора. До 100 километри на час тој забрзува за 2,5 секунди и од компанијата тврдат дека максимално може да развие 377 км/час. Засега нема информации кога ќе се најде во продажба и по која цена, но се шпекулира дека ќе чини најмалку 300.000 евра.

„Во изминатите години интензивно развивавме и конструиравме напредни технолошки солуции за нашиот нов модел, особено во областа на електричниот погон. Тие сега се вклучени во нашиот последен модел и успешно беа тестирани на тркачка патека“, изјави основачот на компанијата, Аљоша Тушек.