Одделот за мали коли на „Дајмлер“ е во славеничко расположение, бидејќи на претстојниот Автосаем во Париз ќе го одбележи 20. роденден на „смарт“.
По тој повод, наредната недела ќе го претстави својот нов концептен двосед „форејс“, со кој ќе погледне во иднината, истовремено задржувајќи ја врската со минатото. Целосно електричен, новиот „смарт“ е кабриолет и со минималистички стил, виден на претходните модели „кросблејд“ од 2001 и „форспид“ од 2011 година.
Со пократко ветробранско стакло од обично и со отворен покрив, „форејс“ е можеби најмалиот спидстер. Како и сите други модели на „смарт“, и овој е наменет за градско возење.
Под предниот капак ќе се наоѓа електромотор од 80 коњски сили, што ќе овозможи максимална брзина од 130 километри на час.
Електричната иднина на „смарт“ доаѓа во 2020 година, кога од употреба целосно ќе бидат исфрлени конвенционалните мотори.