Групна изложба на шест дизајнери, чија основа е македонскиот занает „Хендкрафтед:мк 2018“, ќе се отвори в петок (18 часот) во галеријата „Акантус“, скопско Дебар Маало.

Изложбата за првпат ќе ги прикаже пилот-колекциите на шесте дизајнери од првото издание на платформата за поддршка на дизајнери, чија основа е македонскиот занает.

Меѓу предметите се рачно изработените ламби на Борче Колароски, кој работи под брендот „Лумо“, сребрениот накит на „Гамаро“ од Бојана Божиновска, рачно ткаените чанти од срма на Машиде Љочи („Маша“), рачно сликаните ЛЕД-сијалици наменети за когнитивниот раст на најмладите на брендот „Миа Ботаника“ на Борјана Насева, чантите од рециклирана кожа на Ева Зарезанковска и рачно сликаните маички на Ирина Чабуковска („Милениум“).

Овие дизајнери беа одбрани на јавниот повик на почеток на годинава и по неколкуте работилници за лансирање на бренд и финансиско работење, во текот на летово беа изработени првите прототипи и пилот-колекции, под менторство на Моника Лозановска, Лидија Георгиева и Александар Ношпал.