„Вирџин“ го изведе првото тест-патување со хиперлуп кое вклучи и патници.
Хиперлуп е футуристички систем на транспорт кој ги превезува патниците во капсули, што со голема брзина се движат на електромагнетски погон низ вакуумски цевки.
На пробното возење во пустината во Невада, двајцата патници, инаку вработени во компанијата, ја поминале тест-патеката од 500 метри за 15 секунди, достигнувајќи брзина од 107 километри на час. Ова е само мал дел од амбициите на „Вирџин“ за патување со брзини од над 1.000 км/час.
„Вирџин“ не е првата компанија која го развива концептот, но никој досега не направил тестирање со патници.
„Искуството беше возбудливо и психолошки и физички. Патувањето помина мазно и воопшто не наликуваше на луда железница, иако забрзувањето беше посилно одошто би било на подолга патека. И на двајцата не ни се слоши“, изјави Сара Лучијан, еден од патниците.
Концептот на хиперлуп прв го предложи Илон Маск, но критичарите го опишуваат како научна фантастика. Тој се базира врз најбрзите возови со магнетна левитација на светот.
„Вирџин“ се надева дека оваа технологија ќе добие дозвола за употреба во 2025/26 година.