Модел на „ферари“ од 1962 година стана вториот најскап автомобил на сите времиња кој се продал на аукција, достигнувајќи цена од 51.705.000 долари. „Ферари 250 ГТО“ првично бил тркачки болид, за потоа да биде пренаменет за друмско возење. Во изминатите 38 години бил во сопственост на американски колекционер.
Од „Сотбис“ кажаа дека на аукцијата во Њујорк очекувале цена од околу 60 милиони долари. Името на купувачот не беше објавено.
„Овој автомобил е толку славна тркачка машина што се квалификува за дефиницијата за легенда. Неговите дуели со ‘форд ГТ40‘ на Ле Ман станаа легендарни и објаснуваат зошто автомобилот и натаму ужива вака висока цена во САД и Европа“, изјавија од „Сотбис“.
Најскапиот автомобил во историјата останува „мерцедес 300 СЛР уленхаут“ од 1955, кој лани се продаде на аукција за 144 милиони долари.
(Фото: АФП)