ФИЛИПИНИ, ЗЕМЈА ОПСЕДНАТА СО ИЗБОРИ НА УБАВИНА, ПОБЕДИ НА МИС УНИВЕРЗУМ

Бангкок, (АП)

Филипини, земја опседната со избори на убавина, по четврти пат ја слави победата на изборот за Мис Универзум, што се одржа во Бангкок, Тајланд, со учество на 93 земји.

Круната ја понесе 24-годишната пејачка и модел Катриона Греј, која носеше блескав црвен фустан, за кој кажа дека бил инспириран од вулкан од нејзината земја.

„Носев црвено, бидејќи кога имав 13 години, мајка ми ми кажа дека сонувала како победувам на Мис Универзум во црвен фустан“, изјави Греј, која е родена и пораснала во Австралија.

Зад неа се пласираа претставничките на Јужна Африка и Венецуела.

Изборите на убавина уживаат голема популарност во Филипини, па така и оваа манифестација се пренесуваше на државната телевизија, а победата на Греј предизвика национални радост и гордост. Честитки дојдоа дури и од канцеларијата на контроверзниот претседател Дутерте.

„Ако за време на мечевите на боксерот Мани Пакјао улиците се празни, овој избор на убавина го урна интернетот“, објавија локалните медиуми.

Во Филипини, голем број училишта, села и градови одржуваат свои избори на убавина.