ИНДИСКИ МАХАРАЏА ИЗДАВА ДЕЛ ОД ПАЛАТАТА ЗА 8.000 ДОЛАРИ ОД НОЌ

Џаипур, (ДПА)

Индиски махараџа издава на „Аирбнб“ дел од неговата палата во Џаипур, стара 300 години, а едно ноќевање чини 8.000 долари.

Во објаснувањето стои дека „гостите ќе доживеат инспиративно патување во богатата историја, културното наследство и во уметничките традиции на кралското семејство на Џаипур“. За време на престојот, на располагање ќе имаат батлер и водич и ќе можат да ја пробаат локалната кујна.

Ова е првпат палатата изградена во 1727 година да биде отворена за комерцијални цели. Меѓу славните гости кои ја имаат посетено палатата се поранешниот американски претседател Бил Клинтон, принцезата Дијана и Џеки Кенеди.

Палатата од оваа година се наоѓа на листата на светското културно наследство на УНЕСКО.