ИЗЛОЖБАТА НА ДИМИТАР КОНДОВСКИ ВО МАЛА СТАНИЦА ПРОДОЛЖЕНА ДО 15 НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Националната галерија одлучи поради голем интерес да ја продолжи изложбата на илустрации на великанот на македонската уметност Димитар Кондовски во Мала станица за уште две недели, односно до 15 ноември.

Ретроспективата на илустрациите на волшебникот Кондовски, како што го нарекува критиката, беше отворена во рамките на второто издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрации Литера.

„Големиот потфат да се организира вака значајна изложба значеше голем чекор за тимот на фестивалот, кој во соработка со семејството Кондовски овозможи што е можно повеќе љубители на уметноста да уживаат во неговите ремек-дела“, велат од Литера.

Изложбата беше отворена на 14 октомври и за само две недели, почитувајќи ги ковид-протоколите, ја посетија неколку стотици луѓе. Во Мала станица се изложени оригиналните илустрации на „Зоки Поки“, „Алиса во земјата на чудата“, „Колибата на чичко Том“, „Џиновски сликовници“, корици на „Росица“ и на многу други списанија и наслови.

Фестивалот Литера е во организација на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од Скопје.