Препознатливата портокалова софа од кафулето „Сентрал парк“, фотелјите на Џои и Чендлер и гитарата на Фиби се дел од изложбата во Њујорк, во чест на 25-годишнината од ТВ-серијата „Пријатели“. Последната епизода беше емитувана во мај 2004.
Студиото „Ворнер брос“ автентично ја рекреираше сценографијата во големo поткровје во Сохо. Сѐ е исто, од мебел до најситни детали.

Посетителите ќе можат да седнат во фотелјите, да играат фудбалче или, пак, да ја отвораат вратата од станот на Моника и Рејчел.
„Кога првпат влегов, веднаш почнав да се смеам. Секој агол и сите предмети ме навратија на деновите кога снимавме. Сѐ е перфектно изработено“, рече Меги Вилер, која ја играше Џенис.
Изложбата ќе трае до 6 октомври, а билетите се распродале за три часа.