Прославените карневалски паради во Рио де Жанеиро се вратија вчера во полн сјај за првпат од пандемијата на ковид-19. Најголемиот карневал на светот го достигна врвот на забавата откако врвните училишта за самба од Рио го отворија своето годишно натпреварување на популарниот Самбадром.
„Славењето на карневалот по пандемијата дава чувство на слобода и среќа толку големо што не можам ни да го опишам. Карневалот носи надеж дека следните години ќе бидат подобри“, рече 25-годишната танчарка Дебора Соареш.
Рио е подготвен за огромна забава по два карневала нарушени од пандемијата и по поразот на Жаир Болсонаро на претседателските избори. Фестивалот беше целосно откажан во 2021, а ланското издание беше ограничено.
Училиштата за самба, гордост на сиромашните фавели во Рио, со месеци ги прават своите блескави костими и фантастични платформи, кои се заштитен знак на парадите, кои беа доста политички за време на владеењето на Болсонаро, што сега не е забележливо. Повеќето школи им се вратија на своите корени и ја слават афробразилската култура.