Најголемата и највредна колекција вина наскоро ќе се најде на продажба и некои шишиња би можеле да достигнат цена од 200.000 долари. Станува збор за 25.000 шишиња, кои се во сопственост на тајванскиот милијардер Пјер Чен и тие ќе се продаваат на одделни аукции во Париз, Лондон, Њујорк, Хонгконг и во Боне, кој се смета за главен вински центар во Бургундија. Се очекува вината да се продадат за вкупно 50 милиони долари.
„Ова е ултимативна винска колекција, која доаѓа на пазарот во време кога постои огромен интерес за квалитетни вина. Во оваа визба секое шише има своја приказна, во неа секое вино е најдоброто што би можеле да го посакате“, изјави Ник Пења, шефот на одделот за вина и алкохолни пијалаци во „Сотбис“, кој ја организира продажбата.
Колекцијата на Чен била создавана 40 години и тоа е најразновидната и највредна визба што постои, велат од „Сотбис“.
Чен (66) е основач и претседател на корпорацијата „Јагео“, која произведува електронски компоненти за автомобили, компјутери и мобилни телефони.
„За мене, вината се деветтата уметност. Тоа е единствениот вид уметност што може да се консумира со сетила како вкус и мирис“, вели Чен.