„Круна: Замислете си го кралскиот свет“ е насловена мултимедијалната изложба на костими од популарната британска ТВ-серија „Круна“, која е поставена во „Пели медија центарот“ во Беверли Хилс, Калифорнија.

Поставката содржи и накит, чанти, чевли, фотографии, видеа и документи од наградуваната серија за кралицата Елизабета Втора, која во првите две сезони ја играше Клер Фој.
Покрај глумата на Фој, костимите важат за скапоцен камен на ова ТВ-шоу и тие беа наградени со Еми во 2017 година, а Џејн Петри ја доби и наградата за најдобра костимографија на Гилд наградите.

„Втората сезона е за борбата на Виндзор за модернизација во време на големи глобални промени. Судирот помеѓу старото и новото, САД и Британија, а средбата на Кенедиеви и кралското семејство зазема централно место и влијаеше многу на инспирацијата за костимите. Тоа е фасцинантен момент во нашата заедничка историја и беше апсолутно задоволство да се дизајнира. Јас само се надевам дека посетителите ќе ја ценат изложбата колку што ние уживавме да ја раскажеме оваа приказна “, изјави костимографката.

„Нетфликс“ потврди дека ќе има и трета и четврта сезона на „Круна “, секоја со шест епизоди. Оливија Колман ќе ја игра кралицата во третата сезона, а Хелена Бонам Картер ќе се приклучи на актерската екипа како принцезата Маргарет.