ТРАМП ГИ МЕРКА ПЛАЖИТЕ НА СЕВЕРНА КОРЕЈА – ТУКА БИ МОЖЕЛ ДА ИМАМ УБАВА РЕЗИДЕНЦИЈА

Вашингтон, (Блумберг)

Пред да стане претседател на САД, Доналд Трамп беше познат најмногу по своето царство на недвижнини, што опфаќа имот и во Азербејџан, Панама и Филипини, меѓу другите.

Затоа и не треба да изненадува што тој по историскиот самит со Ким Џонг-Ун истакна нешто што на многумина им се чинеше чудно и неважно во така голем момент: дека Северна Кореја има прекрасни плажи.

„Тие имаат неверојатни плажи. Тоа го забележував секој пат кога би испукале проектил во океанот. ‘Боже, види го тој поглед, тука би можел да имам убава приватна резиденција‘, си велев“, кажа Трамп по средбата во Сингапур.

Тој додаде дека тоа би биле одлични локации и за хотели.

„Вие тука би можеле да ги имате најдобрите хотели на светот. Гледајте го тоа од перспектива на недвижнини. Тука се Јужна Кореја и Кина, а Северна Кореја го има земјиштето меѓу нив. Тоа е одлично“, рече Трамп, гледајќи големи деловни можности во регионот.

Но, не се само плажите неискористено богатство на Северна Кореја. Според некои проценки, таа располага со залихи на минерали во вредност од шест трилиони долари, а можеби и со нафта и гас во морето.

Сето ова е надвор од дофатот на странските компании од 2006 година, кога на земјата ѝ беа наметнати меѓународни санкции поради развивањето на нуклеарен арсенал. Во 2016 година, во Северна Кореја имало само 93 милиони долари странски инвестиции, а кај јужниот сосед дури 12 милијарди.

„Северна Кореја е сега таму кадешто Кина беше во 80-ите години, но таа ќе биде една од највозбудливите држави на светот во наредните 20 години. Сѐ во неа е голема можност“, смета Џим Роџерс од инвестициската компанија „Роџерс холдингс“.