ЉУБОВНИТЕ ПИСМА НА КОЕН ДО НЕГОВАТА МУЗА ПРОДАДЕНИ ЗА 876.000 ДОЛАРИ

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Колекција од 50 љубовни писма напишани од канадскиот пејач и текстописец Леонард Коен се продаде за 876.000 долари, објави аукциската куќа „Кристис“.

Посветени на неговата муза Мериен Ихлен, збирката содржи писма од 1960-ите години, период кога Коен од поет кој едвај преживува станува славен музичар.

Највисоката цена за едно писмо стигна до 56.250 долари, иако првично беше проценето на 10.000.

Коен и Норвежанката Ихлен се запознале на грчкиот остров Хидра во 1960 и таа станала инспирација за некои од неговите најпознати песни, вклучувајќи ја „Збогум, Мериен“. Ихлен почина во јули 2016, а Коен во ноември истата година. Писмата ги продаде нејзиното семејство, а купувачите не се објавени.