МЕГАН СО ГОЛИ РАМЕНА НА РОДЕНДЕНОТ НА ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА

Лондон, (Телеграф)

Британската кралица Елизабета Втора го прослави својот официјален роденден со денешната свечена парада „Поздрав со боите“ и марширањето на Коњичката гарда.

Кралицата, која неодамна имаше успешна операција на очите за отстранување на катаракта, ја следеше церемонијата на марширање на војниците, додека нејзиниот сопруг, принцот Филип, кој го слави 97. роденден утре, не беше присутен.

Целото кралско семејство од балконот на Бакингамската палата ја следеше парадата со авионите (Фото: Скај)

По церемонијата, кралското семејство се упати кон Бакингамската палата и се собра на балконот, за да ја проследи традиционалната парада со авионите, а им се придружија и војводата и војвотката од Сасекс, кои се венчаа пред три недели.

Меган носеше фустан во боја на праска со голи рамена, креација на „Каролина Херера“ и шапка на Филип Трејси, на нејзиното прво појавување на свечената парада. Критиката ја пофали Меган дека е олицетворение на елеганција на 21. век, но забележуваат дека го прекршила кралскиот протокол со откривањето на рамената.

Вистинскиот роденден на Кралицата беше на 21 април, кога наполни 92 години.