АКТЕРКАТА РЕЈЧЕЛ БРОСНАХАН ЈА ПРОМОВИРА НОВАТА КОЛЕКЦИЈА НА БРЕНДОТ НА НЕЈЗИНАТА ПОКОЈНА ТЕТКА КЕЈТ СПЕЈД

Њујорк, (Би-Би-Си)

Актерката Рејчел Броснахан стана ново заштитно лице на модниот бренд основан од нејзината покојна тетка Кејт Спејд.

Дваесет и осумгодишната Броснахан, која доби два златни глобуси и Еми за хит-комедијата „Прекрасната госпоѓица Мејзл“, учествува во новата кампања на „Френсис Валентајн“, со која ѝ се оддава почит на Спејд, која се обеси во јуни минатата година.

„Кога ќе изгубите некого што го сакате, барате неограничено многу начини да го зачувате сеќавањето на таа личност. На овој начин, тоа го правиме преку нејзините прекрасни креации и преку можноста да ги споделиме со сите оние на кои нејзината работа многу им значеше. Откако почина Кејт, увидовме колку многу луѓе ја сакаа нејзината работа, странци, луѓе од цел свет“, изјави Броснахан.

Спејд го основа брендот „Френсис Валентајн“ во 2007 година, именувајќи го според својата ќерка. Новата кампања е посвета на препознатливите шарени дизајни на Спејд и е смимена на локации што ѝ биле од големо значење.