ЧАНТА КОЈА СОБИРА НЕКОЛКУ БОНБОНИ СТАНА СЕНЗАЦИЈА НА ПАРИСКАТА МОДНА НЕДЕЛА

Париз, (Гардијан)

Дека и мали работи можат да привлечат големо внимание покажа ревијата на „Жакмус“ на Париската модна недела.

Француската модна куќа ја промовираше својата нова чанта „мини ле шикито“, која е долга само 5,2 сантиметри, помала е од кредитна картичка и може да ја собере во дланка. Минијатурниот моден додаток, всушност, е помала верзија на веќе малата чанта „ле шикито“, која се појави на пазарот лани. Иако со димензии 12 со шест сантиметри, таа беше распродадена преку Интернет по цена од 500 долари.

Од компанијата велат дека сѐ уште ја немаат утврдено цената на својата нова чанта, додека на социјалните мрежи се поведе дискусија што може да се носи во неа.