Триесетина манекенки, поранешни мисици и водителки синоќа дефилираа меѓу витрините на етнолошката поставка во Музејот на Македонија, на ревијата „Мејд ин Маседониа: Почетоци и еволуција“.
Моделите се движеа низ полната сала, кадешто безмалку два часа стоеја дипломати, министри, бизнисменки, бизнисмени и модни дизајнери, придружувани од музиката на Александар Ристевски-Принц, во креациите на Лидија Георгиева, Никола Ефтимов, Росица Мршиќ, Ивана Кнез, Антонија Ристовска, Розе Трајческа-Ристовска, Силвија Михајловска, Тања Кокев, Олгица Ѓорѓиева и Јана Манева-Чупоска.
Ревијата се организира по вторпат. Лани темата беше „Современ дизајн накитен со минатото“ и беше во организација на американската амбасада во Скопје и Македонскиот велком центар „Добредојде“. И ланскиот концепт беше со стоење за време на ревијата.
Годинава, домаќин на ревијата беа француската амбасада и амбасадорот Кристијан Тимоние, заедно со Центарот „Добредојде“.
„Пионерите на македонската мода, денес етаблирани имиња, ги отворија своите архиви за оваа ревија, на која, можеме да кажеме, ги гледаме почетоците на современата мода во Македонија“, рече водителот на настанот Ване Маркоски.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: К. ПОПОВ