Повеќе од 400 имиња од светот на филмот, музиката, спортот и модата учествуваа на парадата на костими на скалите пред музејот Метрополитен во Њујорк на годишниот хуманитарен настан Мет гала. Темата на едно од најголемите и најекстравагантни модни случувања оваа година беше „позлатен гламур“, што беше асоцијација на економскиот бум на Америка од крајот на 19. век. Ким Кардашијан повторно се потруди најмногу да се зборува за неа.
ТВ-ѕвездата го носеше фустанот во кој Мерилин Монро му ја испеа роденденската песна на Џон Кенеди пред 60 години во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк. За да влезе во него, Кардашијан морала да ослабне седум килограми.
„Тоа беше вистински предизвик, но бев посветена да успеам“, кажа Кардашијан.
Дизајниран од Жан Луј, фустанот беше купен од музејот „Верувале или не на Рипли“ во Орландо во 2016 година за 4,81 милион долари. Оригинално чинел 12.000 долари и во историјата остана познат како фустанот „Среќен роденден, господине претседателе“.
Картите за Мет гала чинеа 35.000 долари, а за место на една од масите требаше да се плати до 300.000 долари.