Модната индустрија треба да биде загрижена од трендот на ангажирање слаби манекенки, рече уредничката на британскиот „Вог“, Чиома Нади. Таа кажа дека промената, по неодамнешниот напредок во прифаќањето на различноста на телата, делумно била поттикната од порастот на популарноста на лековите за слабеење.
„Гледаме како се враќа трендот на слаби манекенки. Гледаме дека многумина познати личности ги користат овие лекови и мислам дека има промена во тоа како размислуваме за нашите тела и како ги третираме“, изјави Нади.
Смета дека е важно секакви тела да бидат претставени во модата, додавајќи дека таа и нејзините колеги внимавале на ова.
„Беше многу важно што вклучивме модели кои не беа во рамките на очекуваното. Но, мислам дека тоа не е нешто што ние како магазин можеме сами да го промениме, бидејќи очигледно, дизајнерите прават облека само со одредена големина“.
Осврнувајќи се на модните недели од минатата сезона, на кои дизајнерите ги прикажуваат своите нови колекции, Нади рече:
„Манекенките беа многу слаби. Се надеваме дека оваа сезона ќе биде повик за будење и дека нема да видиме таков негативен тренд“.
Нади го презеде британското издание на „Вог“ минатиот октомври, заменувајќи го претходниот уредник Едвард Енинфул.
(Фото: Гети)