МОДЕЛИТЕ НА „ИВ СЕН ЛОРАН“ ОДЕА НИЗ ВОДА НА ПАРИСКАТА МОДНА НЕДЕЛА

Париз, (АФП)

Ентони Вакарело, креативниот директор на модната куќа „Ив Сен Лоран“, ги претстави неговите креации со модели кои одеа низ вода, на ревијата на Париската модна недела.

Иако имаше поделени мислења за белгискиот дизајнер кога дојде на чело на францускиот бренд пред две години, критиката како храбар и дрзок потег го оцени начинот на кој тој ја претстави колекцијата пролет/лето 2019.

Од ревијата на „Ив Сен Лоран“ на Париската модна недела (Фото: АФП )

Со светкавата Ајфелова кула во позадина, моделите дефилираа на пистата на отворено, обележана со неонки во форма на палми, додека во првиот ред седеа ѕвезди како Шарлот Гензбург, Кејт Мос и Карла Бруни.