КОНЦЕПТОТ „БИРО О2“ Е 80% НАПРАВЕН ОД РЕЦИКЛИРАНА ПЛАСТИКА

Милано, (Дезин)

Студиото „Мандалаки“ се здружи со италијанската автокомпанија „Естрима“ за да го дизајнира првиот концепт на електричен автомобил кој 80% е направен од рециклирана пластика.

Според креаторите, „биро О2“ во себе има поголем процент рециклирана пластика од кое било друго возило на пазарот. Овој концепт е заснован врз оригиналниот автомобил „биро“, целосно електрично возило наменето за градско возење, кое лесно може да се паркира на место за скутери и има батерија што може да се отстрани.

„Сакаме да развиваме проекти кои ќе имаат вистинско влијание врз животите на луѓето, функционални проекти што ќе решаваат проблеми. ‘Биро‘ го видовме како идеален партнер за овој концепт, бидејќи моделот е крајно минимален“, изјави главниот дизајнер на „Мандалаки“, Енрико де Лото.

Покрај предните и задните делови на каросеријата, и голем број други елементи на возилото, како седиштата, тахометарот, вратите и воланот, се произведени од различни типови отпадна пластика. Електричниот мотор може да развие максимална брзина од 65 километри на час и со едно полнење може да помине околу 100 километри.