„МОНА ЛИЗА“ НА ФИЛАТЕЛИЈАТА ОДИ НА АУКЦИЈА, СЕ ОЧЕКУВА ДА ПОСТИГНЕ ЦЕНА ОД 15 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (АФП)

На прв поглед изгледа како парче стара хартија врз која бил истурен сок од црна рибизла. Но, кога ќе се најде на аукција во јуни во Њујорк, се очекува да постигне цена меѓу 10 и 15 милиони долари, милијарда пати повеќе од нејзината оригинална вредност.

Тоа парче хартија е најпознатата и највредна поштенска марка на светот, создадена во 1856 година во Британска Гвајана, денес Гвајана.

„Таа е ‘Мона Лиза‘, свети грал на филателијата“, вели експертот по филателија Дејвид Бич.

Марката од еден цент била создадена во моментите кога во Британска Гвајана се појавил недостиг на марки, кои вообичаено се увезувале од Англија. Тие главно се користеле за испраќање весници и најчесто веднаш се фрлале. Бич е зачуден како овој еден примерок воопшто преживеал досега.

(Фото: АФП)

Приказната почнува во 1873 кога марката ја открил еден 12-годишен филателист, по што ја продал за шест шилинзи. Марката потоа менувала сопственици, пред да биде забележана од францускиот гроф Филип Ла Ренотјер фон Ферари, кој го посветил животот на филателијата и ја собрал најголемата колекција на поштенски марки на светот. Пред смртта во 1917, тој ја донирал колекцијата на родната Германија, по што била запленета од Франција. Во 1922, марката била продадена на аукција за тогаш рекордни 35.000 долари.

Актуелниот сопственик е американскиот дизајнер Стјуарт Вицман, кој ќе ја понуди на аукцијата на „Сотбис“ на 8 јуни, а парите ќе одат во хуманитарни цели.

„Сите четири пати кога била на аукција марката поставила нов светски рекорд. Очекувам така да биде и сега“, смета Бич.