„МУЛЕН РУЖ“ ГО ЗАКАЖА ПРВИОТ КАН-КАН ВО СЕПТЕМВРИ ПО НАЈДОЛГОТО ЗАТВОРАЊЕ ВО ПОСЛЕДНИТЕ 100 ГОДИНИ

Париз, (АФП)

Прославеното париско кабаре „Мулен руж“ конечно ќе продолжи со работа во септември, по најдолгото затворање во последните 100 години. Првиот кан-кан во пост-пандемијата ќе се игра на 10 септември и датумот беше откриен од 12 танчарки пред „Мулен руж“.

„Многу сум среќна. Убаво е што конечно добивме датум. Очајно сакаме повторно да ја видиме публиката. Првиот кан-кан по враќањето ќе биде нешто посебно“, изјави 32-годишната танчарка Матилда Тутијо.

Како и останатите 60 членки на трупата, и таа беше принудена да вежба сама дома за време на затворањето. „Мулен руж“ не работи од 12 март минатата година, што му е најдолго затворање од пожарот во 1915 година.

„Мулен руж“ се отвори во 1889 година. Оттогаш преживеа многу животи и денес е една од омилените туристички атракции на Париз.