НАЈСКАПИОТ АПАРТМАН ВО САД ПРОДАДЕН ЗА 238 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Гардијан)

Неколку дена откако за 122 милиони долари го купи најскапиот станбен имот во Лондон, милијардерот Кен Грифин постави и нов американски рекорд со апартманот од 238 милиони долари. Дури 34 пати поголем од типичен апартман на Менхетн, тој се наоѓа во новоизграден облакодер во Сентрал парк во Њујорк и со тоа стана најскап дом во САД.

„Апартманот од 2.200 квадратни метри ќе биде негово место за престој додека е на работа во Њујорк“, изјави портпаролот на компанијата „Ситадел“, чиј основач е Грифин.

Кен Грифин овој месец го купи и најскапиот станбен имот во Лондон од 122 милиони долари

„Блумберг“ го проценува богатството на 50-годишниот Грифин на 9,6 милијарди долари. Во изминатите години, тој купи два ката од хотелот „Валдорф-Асторија“ во Чикаго за 30 милиони долари и апартман во Мајами Бич за 60 милиони. Тој го поседува и најскапиот дом во Чикаго од 58,75 милиони долари, а има и имот од 230 милиони долари во Палм Бич на Флорида.

Тој уриваше рекорди и на аукциите за уметнички дела, па во 2016 година плати околу 500 милиони долари за дела на Џексон Полок и Вилем де Кунинг.

„Тој дефинитивно е ловец на глобални трофеи. Њујорк е познат по исклучителни зделки, но оваа не се мери со ништо“, вели експертот за пазарот на недвижнини Даниел Ливи.

Претходниот рекорд за САД го држеше Бери Розенстин, кој во 2014 има платено 137 милиони долари за имот во Хемптонс.