Вечерва од 21 часот, во Клубот МКЦ ќе се одржи традиционалната годишна забава на Скопскиот џез фестивал, со промоција на календарите за 2019 и со настапи на квартетот на Џоле Грујовски и на бендот „Фирс“.

Квартетот го сочинуваат Џоле Грујовски (гитара), Филип Димишковски (клавијатури), Оливер Јосифовски на бас и Александар Ванчовски на тапани.

Грујовски е џез гитарист, композитор, продуцент и аранжер. Дипломирал класична гитара во Софија, а во својата богата кариера соработувал со Џијан Емин, „Проект Жлуст“, Бодан Арсовски, Симон Киселички и браќата Тавитјан. Минатата година го објави својот прв албум „Рефлексии“, кој влезе во листата на 30 најдобри регионални џез-албуми за 2018 на сајтот trecisvijet.com.

„Фирс“ е група на млада генерација македонски музичари Горјан Стојменовски (гитара), Виктор Филиповски (тапани и перкусии), Марко Василевски (контрабас), Борислав Веселинов (алт саксофон) и Сенад Усеин (труба).