НЕ БЕВ ЛУТА, ТУКУ СРЕЌНА ШТО НЕ СУМ БРЕМЕНА – ВИКТОРИЈА БЕКАМ СЕ ПРАВДА ЗА ИЗГЛЕДОТ НА КРАЛСКАТА СВАДБА

Лондон, (Мирор)

Викторија Бекам се огласи по реакциите дека изгледала лута и незадоволна на свадбата на принцот Хари и Меган Маркл минатата сабота, поради фотографиите на кои е намуртена покрај веселиот сопруг Дејвид Бекам.

Фотографиите на коишто британската дизајнерка и поранешна членка на „Спајс грлс“ е со стисната вилица и со изнемоштен изглед кружеа по медиумите, додека со Дејвид фатени за рака влегуваа во капелата Сент Џорџ во замокот Виндзор.

Викторија и Дејвид Бекам на свадбата на Хари и Меган изминатата сабота во Лондон (Фото: АП)

Излегоа повеќе теории зошто Викторија изгледаше така несреќно, меѓу кои имаше и такви дека Дејвид претходната вечер се забавувал со неколку згодни бринети во Сохо.

Викторија, конечно, се огласи, тврдејќи дека не е е несреќна. Напротив, чувствувала големо олеснување.

„Да бидам искрена, навистина беше олеснување што не сум бремена на оваа кралска свадба и што можев да одберам што сакам да облечам“, изјави таа за „Ивнинг стандард“.

Дејвид и Викторија Бекам на свадбата на Вилијам и Кејт во 2011 година

Во 2011 година на свадбата на Вилијам и Кејт, Викторија беше бремена со ќерката Харпер. Тогаш таа носеше високи потпетици на Кристијан Лубутен, за кои изјави дека ѝ задавале маки при одењето и рамнотежата.

Овојпат, повторно носеше една од своите креации, во својата омилена темносина боја, искомбинирана со црвени чевли.