НЕСОВРШЕНОСТА Е УБАВИНА, ВЕЛИ ЛОНДОНСКАТА АГЕНЦИЈА „ГРДИ МОДЕЛИ“

Лондон, (АФП)

Долги вратови, големи бради, клемпави уши и криви носови се добредојдени во лондонската агенција за модели „Грди модели “, кадешто се слават несовршеностите.

На модната недела, која се одржува во британскиот главен град, меѓу манекените кои ќе се појават на пистата се и неколку од „Грди модели“.

„Ја славиме различноста и носиме малку повеќе светлина во модниот свет, место само да се користат стандардните модели“, вели сопственикот на агенцијата, Марк Френч.

Клои Акан позира за време на кастинг во агенцијата „Грди модели“ (Фото: АФП)

Тој вели дека станува збор за агенција за карактерни модели.

„Дебели, слаби, големи и мали, само кажете и ќе го добиете тоа од нас“, додава Френч.

Тој го наведува примерот со францускиот актер Жерар Депардје.

„Тој е толку полн со карактер и харизма. Тој е секси, затоа што е толку кул и различен. Несовршеноста е убавина“, вели сопственикот.

Поранешниот професионален рагбист Крис Чесни со своите тежина од 135 килограми и висина од два метра е нетипичен машки модел (Фото: АФП)

Основана пред половина век, агенцијата е сместена во западен Лондон. На ѕидот на една од канцелариите е закачен портрет на Дејвид Боуви, заедно со цитатот „Несовршеноста е убавина, лудилото е генијално”, што е и мото на компанијата.

„Ние не сакаме ретуширање, не сакаме луѓето да го променат начинот на кој изгледаат“, вели Френч.

Агенцијата се спротивставува на секоја перцепција дека цинично ги експлоатира своите модели со нивните особености.

„Она што ги прави добри грдите модели е чувството на удобност во сопствената кожа“, вели Френч.