НОВАТА МИС ГЕРМАНИЈА Е 39-ГОДИШНА АРХИТЕКТКА ПО ПОТЕКЛО ОД ИРАН

Берлин, (Јуроњуз)

Триесет и деветгодишна архитектка родена во Иран е избрана за новата Мис Германија.

Победата на Апамех Шенауер се вклопува во реформираниот начин на изборот на мис, при што од пред неколку години предвид се земаат не само физичкиот изглед на кандидатките, туку и карактерот, личниот ангажман и креативноста. Од оваа година е укината и возрасната граница, па на изборот можеа да учествуваат сите жени постари од 18 години.

Освен што е мајка и вработена архитектка, Шенауер води организација за правата на жените и им помага на мигрантите да се вклопат во животот во Германија. И таа самата е мигрантка: кога имала шест години нејзиното семејство емигрирало од Иран во Германија и вели дека првите години ѝ биле многу тешки.

Набргу по победата, Шенауер мораше да се соочи со бројни негативни коментари на социјалните мрежи, при што некои напишаа дека таа не изгледа доволно германски.

(Фото: Инстаграм)