НУДИСТИ ИМАА СПЕЦИЈАЛНА ТУРА ВО ПАРИСКИ МУЗЕЈ

Париз, (Дојче веле)

Музејот на современа уметност „Палата Токио“ во Париз им овозможи бесплатна прошетка низ салите на гости нудисти.

Ова е првпат галерија во француската престолнина да одржи таков настан. На турата дојдоа околу 170 голи посетители, а се одржа пред да почне работното време на Музејот.

„Во натурализмот, природно е човек е да биде гол. Културата е дел од нашиот секојдневен живот и ова е посебна можност”, изјави Жилијан Клод-Пенгари, директор за комуникации на Париската натуралистичка асоцијација.

„Денес, менталитетот се менува. Натуралистите ги буткаат бариерите на минатото, табуата и менталитетите кои беа опструктивни“, додаде тој.

Кога сте голи, може целосно да се концентрирате на уметноста, изјавија голите туристи (Фото: Ројтерс)

Потпретседателот на Здружението, Седрик Амато, рече дека додека гол ги гледал делата, ја доживеал уметноста на повисоко ниво, бидејќи „повеќе не размислувате за она што го претставувате во општеството”.

„Кога сте гол, може целосно да се сконцентрирате на уметноста”, изјави тој.

Здружението вели дека има 2,6 милиони натуралисти во Франција, од кои 88.000 живеат во Париз. Градот неодамна спроведе и други натуралистички проекти, при што нудистите добија свој сопствен ресторан.

Настанот во Париз не е единствен во светот. Во 2013 година, една галерија во Виена ги покани посетителите да се соблечат додека гледаа слики на машки голи тела, а во 2015 година, Националната галерија на Австралија им даде на посетителите можност голи да ги разгледаат делата на американскиот уметник Џејмс Турел.