АНИМЕ СВЕТОТ НА ФИЛМСКОТО СТУДИО „ГИБЛИ“ ЌЕ ДОБИЕ СВОЈ ЗАБАВЕН ПАРК ВО ЈАПОНИЈА

Токио, (Дезин)

Јапонија ќе добие нов забавен парк, што ќе се базира на фантастичните светови од долгометражните аниме филмови на легендарното студио „Гибли“, заслужно за оскаровецот „Авантурите на малечката Чихиро“ и „Принцезата Мононоке“.

Планирано е тој да се отвори во 2022 година, а ќе се гради во рамките на комеморативниот парк Аичи во Нагакуте, во близина на Нагоја, кадешто во 2005 година се одржа светската изложба Експо.

Селото од хит-филмот „Принцезата Мононоке“ исто така ќе биде претставено во паркот (Фото: Гибли)

Според регионалната влада, тој ќе се вклопи во постојната природна средина, за да се добие „уникатен парк омилен на сите“. Засега не е познато кои ќе бидат архитекти и дизајнери на проектот.

Паркот ќе се простира на 200 хектари и ќе содржи објекти и атракции што се појавија во филмовите на студиото. Ќе биде поделен на неколку области, кои тематски ќе бидат посветени на одредени филмови.

Официјалните лица не објавија колку ќе чини изградбата на паркот, низ кој ќе има и инсталации од животински духови, по кои се препознатливи филмовите на „Гибли“.

Студиото „Гибли“ од Токио е основано од режисерите Хајао Мијазаки и Исао Такахата во 1985 година.