ОД ИНТЕРНЕТ МЕМИЊА ДО ЅВЕЗДИ НА „ВОГ“ – ЗАЕДНИЧКО ИНТЕРВЈУ НА ПРИНЦЕЗИТЕ БЕАТРИС И ЈУЏИНИ

Лондон, (Вог)

Растејќи под будното око на јавноста, принцезите Беатрис и Јуџини, ќерките на принцот Ендрју и Сара Фергусон, не беа отсекогаш фалени за нивните модни избори.

Но, со последната фотосесија за британското издание на „Вог“, принцезите на возраст од 30 и 28 години како да си го најдоа местото во модата.

Беатрис и Јуџини го дадоа првото заедничко интервју за „Вог“, во кое велат дека во честите реакции и потсмеви кон нив си помагаат една на друга, за полесно да ги пребродат.

Принцезите со нивниот татко, принцот Ендрју, на свадбата на Хари и Меган годинава / Во официјална посета на Берлин

Принцезите беа особено исмејувани за нивниот изглед на свадбата на принцот Вилијам и Кејт во 2011 година.

„Имаше ужасен напис за Беатрис и таа навистина се вознемири. Требаше да одиме на забава во градината во Бакингамската палата, а таа плачеше и се колебаше дали да излезе. Ја тешев, а по еден час, и јас почнав да плачам, а Беа беше покрај мене“, вели Јуџини.

Беатрис работи за американската технолошка компанија „Афинити“, а Јуџини е директорка на лондонска галерија.

„Тешко е да се балансира, бидејќи во кралските должности има протокол. Ние сме први во ова, ние сме млади жени кои сакаат да изградат кариера и да имаат приватни животи, а од друга страна сме принцези и сето тоа го правиме под будното око на јавноста“, вели Беатрис.