ОДЕЛО НОСАМ САМО НА СВАДБИ И ПОГРЕБИ, ВЕЛИ ЈИРГЕН КЛОП ЗА СВОЈОТ ИМИЏ НА ТЕРЕНОТ

Ливерпул, (Мирор)

Позитивната и харизматична природа, како и напаѓачкиот стил на игра што го преферира, го направија Јирген Клоп една од најпопуларните фигури во светот на фудбалот.

За разлика од повеќето свои колеги, германскиот тренер на Ливерпул ретко може да се види во одело за време на натпреварите, туку најчесто е во тренирка.

Имам одело за венчавки, погреби и за ситуации кога ќе ми кажат дека мора да го носам. Немам причина да носам одело за време на натпревар, не се чувствувам пријатно во него и не можам да дишам нормално. Не сакам да мислам на тоа што носам за време на натпревар. Најсреќен сум кога економот ќе ми даде нешто да облечам“, вели Клоп.

Тој се присети на неколку ситуации кога носел одело на натпревар, како во Лига Европа во првата сезона со Ливерпул, но додаде дека тоа веќе нема да се повтори.

„И на моите први настапи со Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите носев одело зашто ми кажаа дека морам. Кога првпат видов противнички тренер без одело, и јас завршив со тоа. Не ми е цел да изгледам убаво покрај аут-линијата, мојот тим треба да изгледа убаво“, изјави Клоп.