ОКЛЕНД ИЗБРАН ЗА НАЈДОБАР ГРАД ЗА ЖИВЕЕЊЕ ОТКАКО ПАНДЕМИЈАТА НАПРАВИ НОВ ПОРЕДОК

Њујорк, (Ројтерс)

Пандемијата на ковид-19 ја измеша годишната листа на најдобри градови за живеење, што ја подготвува Economist Intelligence Unit (ЕИУ), при што Окленд на првото место ја замени Виена, која сега не е ниту меѓу првите десет.

Австриската престолнина ја предводеше листата од 2018 и редовно се натпреваруваше за првото место со Мелбурн во истражувањето кое опфаќа 140 урбани центри.

„Строгите рестрикции на кои инсистираше Нов Зеланд му овозможија на тамошното општество повторно да се отвори, а на жителите на Окленд и Велингтон да водат живот каков што имаа и пред пандемијата“, соопшти ЕИУ.

Европската Унија воопшто не е застапена во топ 10, при што Виена падна на 12. место. Зад Окленд се пласираа Осака (Јапонија), Аделаида (Австралија), Велингтон (Нов Зеланд), Токио (Јапонија), Перт (Австралија), Цирих, Женева (Швајцарија), Мелбурн и Бризбејн (Австралија).

На дното на листата се најде главниот град на Сирија, Дамаск, зад Лагос (Нигерија), Порт Морезби (Папуа Нова Гвинеја), Дака (Бангладеш) и Алжир (Алжир).

При правењето на листата предвид се земаат фактори како стабилност, здравствена заштита, култура, животна средина и инфраструктура.