ОСКАР, ПА КРАЛСКА ТИТУЛА ЗА ОЛИВИЈА КОЛМАН ЗА РОДЕНДЕНОТ НА КРАЛИЦАТА

Лондон, (АП)

Оливија Колман, една од најпочитуваните британски актерки, беше почестена со кралска титула за роденденот на Елизабета Втора, што ќе ја игра во претстојната трета сезона на серијата „Круна“.

Оскаровката беше именувана за Командир на Редот на Британската Империја (ЦБЕ) на годишната листа почести на кралицата, во чија чест денеска се одржуваат церемонии по повод 93. роденден.

Колман (45) стана нова миленичка на Холивуд по улогата на кралицата Ен во „Миленичка“, за која беше наградена со Оскар за најдобра актерка.

„Целосно сум почестена и воодушевена што ми беше укажана ваква чест“, изјави Колман.

Таа ја презема улогата на Елизабета Втора од третата сезона на „Круна“, која засега нема датум на премиерата.